Новата технологија за производство на синтетички горива на Porsche е „чиста“ како и електричните автомобили!

Д-р Френк Вализер, потпретседател на Porsche за Motorsport и GT автомобили даде големо интервју за магазинот EVO во кое фокусот е на иднината на компанијата, но и на фабриката. Рака на срце, европските норми и регулативи за издувни гасови ќе го направат животот на производителите на автомобили со мотори со внатрешно согорување речиси невозможен во годините што престојат. Токму од тие причини, многу од производителите се откажуваат и најавуваат дека ќе се занимаваат само со производство на електрични автомобили, а некои како Porsche се обидуваат да започнат мала револуција. Ова е разбирливо бидејќи е тешко да се замисли, на пример, 911 на електрична енергија. А излезот од тешката ситуација според Porsche е во синтетичките горива.

„Синтетичките горива се многу важни за да ни овозможат да го намалиме производството на СО2. Емисиите се многу подобри од сегашното гориво од пумпите, со помалку честички и помалку азотни оксиди. Синтетичките горива имаат меѓу осум и десет компоненти, додека денес бензинот има 30-40“, објаснува Вализер.

 

„Синтетичкото гориво е почисто, а кога ќе започнеме со целосно производство очекуваме намалување на СО2 за 85 проценти. Од перспектива, од извор до тркало, ова ќе биде исто ниво на CO2 емитувано во производството и употребата на едно електрично возило“.

На ваков начин, Porsche пред се размислува за спас на своите бензински мотори, но исто така е можно да се подготват синтетички горива и за дизел моторите.

Од претходно е познато дека заедно со Simens, Porsche тргнува со пилот-погон за производство на синтетички горива во Чиле. Проектот е финансиран од германското сојузно Министерство за економија со осум милиони евра како дел од националната стратегија за водород. Двете компании инвестираат околу 20 милиони евра во проектот. Според Simens, само изградбата на централата ќе чини околу 30 милиони евра, додека зелениот водород ќе биде основа за производство на синтетички горива.

Фабриката во јужниот дел на Чиле ќе биде првата интегрирана и комерцијално голема фабрика во светот за производство на климатски неутрални е-горива. 

Фабриката се очекува да произведе околу 130.000 литри е-гориво во 2022 година. Капацитетот ќе се зголеми на околу 55 милиони литри е-гориво до 2024 година и на околу 550 милиони литри е-гориво годишно до 2026 година. Porsche има намера овие горива првично да ги користи во мотоспортот, а во иднина и за погон на своите спортски автомобили како легендарниот 911.