Дали по урнек на Кина, овој начин на продажба на автомобили ќе стане глобален тренд?
Автомобилите во Кина се продаваат со антивирусни и антимикробни пакети на опрема. Поради загадувањето, а сега и пандемијата на коронавирус, кинеските производители на автомобили започнаа да воведуваат нови опции во своите возила
Дали во иднина ќе купуваме автомобили со антивирусни пакети на опрема? Иако за многумина, ова може да изгледа како претерување засновано на стравот од коронавирусот, од аналитичката куќа Frost & Sullivan велат дека вградувањето на опрема и материјали кои треба да ни овозможат дополнително ниво на хигиена и здравствена заштита во нашите „миленици на четири тркала“ може да стане глобален тренд. Некои компании за автомобили во Кина дури и пред кризата почнаа да развиваат вакви опции, а короната само ќе го забрза тој развој.
Кинеската компанија Geely веќе воведе неколку дополнителни опции со цел да ги заштити возачите и патниците во автомобилите од големо загадување, како технологија која блокира влез на штетни честички во возилата. Исто така, во компанијата развиваат антимикробни материјали кои спречуваат собирање на бактерии и вируси на места на кои возачите често допираат со рацете, како што се бравата, кваките, воланот, копчињата од контролната табла…
Во Geely велат дека развивањето опции кои имаат за цел да го заштитат здравјето на возачите е нивна долгорочна цел, особено затоа што автомобилите се втор дом за многумина.
„Само со развивање на поздрави производи ќе ја исполниме побарувачката на клиентите за поквалитетен живот“, коментираат од компанијата за BBC.
Заштитата на клиентите во денешно време вклучува и спречување на контакт помеѓу продавачот и купувачот, така што наместо од рака на рака, клучевите за новиот автомобил се носат до вратата или терасата на клиентот со беспилотно летало.
На слична тактика за заштита на здравјето на потрошувачите во меѓувреме се одлучија и други автомобилски компании. SAIC нуди можност за инсталирање на ултравиолетова светлина во возилата која треба да го прочисти воздухот во системот за климатизација, додека GAC користи троен филтер за воздух на голем број нови возила.
Сепак, не сите се согласуваат со мислењето на аналитичарите на Frost & Sullivan. Шон Рајн од China Market Research Group за истражување на пазарот на Кина верува дека автомобилските компании во Кина само ја користат паниката околу коронавирусот за да наплатат повисока цена за нивните возила. Јас не сум лекар или научник, но би ги предупредил потрошувачите да бидат внимателни кога компаниите ќе им кажат дека нивните производи спречуваат пренесување на вируси, особено СОВИД-19, вели Рајн за BBC.