Дали новата Opel Astra ќе добие и кросовер варијанта?
Доколку Peugeot 308 навистина добие кросовер издание, тогаш е сосема сигурно дека претстојната генерација на Astra ќе го следи овој пат
Astra е исклучително важен модел за Opel, бидејќи претставува еден од столбовите на продажбата на брендот во Европа, особено на домашниот, германскиот пазар.
Производителот од Риселсхајм неодамна ги претстави првите официјални фотографии од идната Astra. Таа ќе го преземе новиот Vizor дизајн стил на брендот, кој стана и заштитен знак на современите возила на Opel.
Германската марка потврди дека новата Astra ќе биде достапна во хечбек и караван издание, но не се зборуваше за потенцијален кросовер. Оваа информација доаѓа од другата страна на Рајна, од француските автомобилски новинари.
Имено, Французите веќе некое време тврдат дека Peugeot подготвува варијанта на 308 која ќе флертува со SUV сегментот и дека ќе поприми некои од карактеристиките на моделите од оваа класа. Самиот Peugeot досега не ги потврди овие шпекулации, иако за тоа често се зборува во француските стручни списанија.
Тие посочуваат дека по Peugeot, Opel ќе ги преземе истите чекори, и дека Astra треба да добие кросовер верзија. Ова е прилично редок случај во Европа, некои од автомобилските брендови да понудат модел во хечбек и кросовер варијанта. Еден таков пример Kia со Ceed и XCeeed.
Новата генерација на Astra ќе биде претставена оваа година, а француските новинари сметаат дека кросовер изданието треба да биде прикажано во 2022 година, а во продажба ќе влезе една година подоцна.