Дали на луѓето ќе им биде забрането да возат по 2050 година?
Напредокот во автономното возење е немилосрден, затоа возете додека можете. Тоа е привилегија во моментов
Саемската манифестација IAA Mobility кој се одржа во Минхен може да се нарече прв голем автомобилски саем во Европа по ненадејно откажаниот саем на автомобили во Женева во пролетта 2019 година, поради пандемијата со корона вирусот.
Сепак, ова е само делумно точно: IAA Mobility не беше класична сцена за презентација на нови модели на автомобили (иако секако имаше), туку како што сугерира името, фокусот беше на одржлива мобилност и решенија по ова прашање.
Несомнено, во иднина, мобилноста што ја знаеме сега, ќе се промени целосно. Така, веќе во 2024 година, автономните возила би можеле да ги надминат возачите во однос на безбедно возење, што би се земало како референца за целосно автономно возење до 2040 година.
Иако поради кризата предизвикана од пандемијата во последните две години, развојот на автономни возила малку забави во споредба со првичните најави и тестови, автономните технологии сепак се тука и со текот на годините ќе бидат се почести кај новите возила.
На пример, прилагодливиот темпомат до неодамна се сметаше за скапа опција, а денес купувачите на нови автомобили сметаат дека е од суштинско значење за новите автомобили, така што полека влегува во речиси сите класи и ценовни опсези.
Одржувањето во сообраќајната лента кое беше револуционерна функција кога за првпат се појави во Tesla Model S кон крајот на 2014 година, сега е вообичаена функција.
Со целиот овој брз развој на технологија за автономно возење, многумина веруваат дека е само прашање на време кога сите автомобили на пат ќе возат и ќе комуницираат сами. Како и да е, барем така мисли истражувачката фирма IDTechEx.
Во новиот извештај со наслов „Автономни автомобили, роботи и сензори 2022-2042“, IDTechEx прави осврт на иднината на автоматизираната мобилност.
Така, компанијата вели дека автономните системи не се мешаат во нештата што можат да влијаат на луѓето, како што се другите возачи или мобилни телефони, што е предност, и верува дека конекцијата со 5G ќе им овозможи на возилата кои возат самостојно да добиваат повеќе информации во реално време за нивната околина отколку што луѓето некогаш можат да обработат …
Тие одат чекор понатаму и во IDTechEx проценуваат дека со сегашниот развој, автономните возила би можеле да го достигнат или надминат нивото на човечко влијание врз безбедноста веќе во 2024 година.
Доколку растот продолжи, извештајот сугерира дека до 2046 година, автономните возила би можеле да ја задоволат вкупната побарувачка за мобилност во Соединетите држави или да „покријат“ 3.000 милијарди милји годишно.
Како потсетување, Мате Римац го најави своето роботско такси кое ќе вози низ Загреб до 2024 година, на што веќе се работи. Единственото прашање е дали до таа година целата инфраструктура ќе биде подготвена и достапна, што ги вклучува местата од кои роботите ќе заминат и на кои ќе пристигнат.
IDTechEx теоретизира и наведувајќи дека до 2050 година, автономните возила теоретски можат да ги задоволат сите потреби за транспорт во светот, со помалку од една сообраќајна несреќа годишно.
Во исто време тие предвидуваат дека во многу земји, возењето луѓе на јавни патишта ќе биде забрането со цел да се избегнат повреди, несреќи и нарушувања во автономните возила кои комуницираат едни со други. Лудо!
Меѓутоа, главниот проблем што тие го предвидуваат не е континуираниот развој и подобрување на автономните технологии, туку регулирањето на законите.
Регулаторите во различни земји може да бидат потенцијални пречки за напредок, а IDTechEx како клучен пример ја идентификува загубата на најдобриот безбедносен рејтинг на NHTSA на Tesla за моделите 3 и Y. Tesla во мај го отстрани радарот од двете возила во обид да ги подобри нивните автономни системи со помалку пречки, но NHTSA откри дека двата автомобили се побезбедни со овој систем, што е спротивно на експертизата, податоците и истражувањата на Tesla.
Се чини дека во наредните години сигурно ќе доживееме промени во однос на мобилноста и автомобилската индустрија, која веќе влегува во нова електрична и автономна ера, а во исто време многу лесно и брзо се откажува од технологијата на „минатото“.
Напредокот во автономното возење е немилосрден, затоа возете додека можете. Се чини дека таа можност сега е привилегија…