Дали LED фаровите се опасни за безбедноста во сообраќајот
Модерните фарови светат прејако и може да ги заслепат возачите, а за главен „виновник“ се посочува LED технологијата
Според истражување објавено од страна на британскиот Telegraf, 15% од возачите изјавиле дека речиси ќе доживееле сообраќајна несреќа, поради тоа што биле заслепени од предните светла на возилата од понова генерација.
Токму поради зголемениот број на жалби на модерните фарови, во кои LED технологијата е се поприсутна, британското Министерство за транспорт формирало работна група за да се испита дали причината се LED светлата.
Извесен специјалист за светлост и осветлување, Стивен Диксон, истакнува дека возачите, навистина, LED изворите на светлина ги перципираат како посјајни од другите видови на светлост.
„LED светлата се подиректни за разлика од халогените светилки. Кај халогенките светлосниот зрак е пораспрснат за разлика од кај LED светлата кај кои светлосниот зрак е подиректен. Исто така, самата сино-бела боја, е посјајна во мрак“, вели Диксон.
Употребата на LED технологијата во фаровите е значително зголемена во последните неколку години. Со нивното воведување создадена е основа за еден нов вид на „паметни“ долги светла, кои подобро го осветлуваат патот и автоматски се прилагодуваат на ситуацијата во сообраќајот, токму поради тоа да не ги заслепуваат другите возачи.
Од друга страна, Пит Вилијамс, од британската фирма RAC, чија дејност е помош на возачите на пат, тврди дека LED предните фарови претставуваат опасност за безбедноста во сообраќајот.
„Фаровите во последниве неколку години имаат значителен напредок, но додека тоа може да биде корисно за возачите на овие автомобили, претставува нов, несакан безбедносен ризик за оние кои возат во спротивен правец, па дури и за оние кои доаѓаат странично“, објаснува Вилијамс.