Истражувачите се надеваат дека со помош на дрифтање ќе им овозможат на автономните возила безбедно да реагираат во непредвидени ситуации како што се пешаци или животни на патот

Меѓу бројните автономни автомобили на кои работат компаниите и истражувачите ширум светот, повремено ќе се појави некој што е посебен. Таков е автономниот легендарен DeLorean (го паметиме од филмовите Враќање кон иднината) кој истражувачите од универзитетот Стенфорд решиле да го научат да дрифта.

За оние кои не се запознати со терминот „дрифт“, станува збор за специфично движење на автомобилот при кое задниот дел од автомобилот „лизга“ додека предниот стои во место.

Иако може да помислите дека истражувачите од Стенфорд дрифтањето го вклучиле поради забава (веројатно има улога), тие всушност се определиле за дрифт за да ја тестираат безбедноста на автономниот автомобил и патниците во него.

Исто како што DeLorean во филмот беше управуван од еден млад човек по име Марти, така и автономниот DeLorean го управува „возач“  по име Марти, на кој во овој случај воопшто не му било важно како изгледа или колку е долг патот за возење. Единствено важно било во софтверот да бидат внесени добри координати. Потоа, „Марти“ целата рута ја вози без никаква грешка и проблем.

Но, дека дрифтањето со автономен автомобил не е само импресивно визуелно достигнување, потврдува и фактот дека целиот тим на истражувачи работел со месеци со цел да се испрограмират само неколку минути со спектакуларни потези.

„Се обидуваме да развиеме автоматско возило кое ќе може да направи маневри во итни ситуации или на лизгави површини како снег или мраз“, вели еден од членовите на тимот, Крис Гердес. „Би сакале да развиеме автоматско возило кое може да го користи целото триење помеѓу гумата и патот за да избегне каква било несреќа, се разбира во границите на законите на физиката“.

Истражувачите откриле дека дрифтот всушност е многу добар начин за тестирање на самото возило. Бидејќи, при класично возење, возачот го насочува автомобилот во насока во која сака да оди, притиска гас и тргнува. Кај дрифтањето сето тоа „паѓа во вода“.

„Одеднаш, автомобилот е насочен во погрешна насока од онаа во која се движи. Вие ја контролирате брзината со воланот, а гаста е таа што влијае на ротацијата, додека сопирачката одредува колку брзо ќе ја промените насоката на движење. Мора да разберете што се случува и како да реагирате, што е нешто што многу возачи не успеваат да го направат и возилото станува нестабилно“, објаснува Џонатан Гох.

Повеќето од автомобилите на патиштата се опремени со ESC или Electronic Stability Control систем кој треба да спречи автомобилот да се најде во ваква нестабилна состојба. Но, истражувачите, проучувајќи ги професионалните возачи, успеали да ги анализираат нивните потези и да ги преведат во програма што реагира совршено во непредвидени ситуации.

Следниот чекор е да се покаже дека „Марти“ и неговиот DeLorean можат да го сторат истото во екстремни услови на дожд, снег и мраз.

„Ако можеме да сфатиме како безбедно да управуваме со автомобил во најбезбедни и најнебезбедни ситуации, ќе ни биде полесно да ги поврземе сите точки меѓу нив“, заклучува Гох.

Извор: University Stanford

Loading...