Daimler се дели, производителот на Mercedes го менува своето име
Групацијата Daimler ќе се подели на две компании
Daimler подготвува нова стратегија за развој и подобрување на ефикасноста, чиј дел ќе биде промена на името на корпорацијата. Така, производителот на автомобили сега ќе се вика Mercedes-Benz, според своите автомобили.
Покрај тоа, раководството на компанијата има намера да го оддели производството на „тешката машинерија“ Daimler Trucks како друга компанија. Одлуката е донесена затоа што, според компанијата, автомобилите и вановите на Mercedes-Benz и камионите и автобусите на Daimler се различни бизниси со специфични групи на клиенти, технолошки пристапи и капитални потреби.
Со овие потези (поранешниот) Daimler има намера да се фокусира попрецизно кон нулта емисија на штетни гасови и нови технологии. Шефот на компанијата Ола Калениус наведува дека „обете компании работат во индустрии кои се соочуваат со големи технолошки и структурни промени и убедени сме дека независното управување ќе им овозможи да работат уште побрзо, да инвестираат поамбициозно, да бараат различни кооперации и на тој начин да бидат значително пофлексибилни и поконкурентни“.
Овие чекори се доста важни, иако не се особено изненадувачки. Секоја од постојните поделби најдобро знае како да и служи на својата база на клиенти и ќе може уште подобро да се фокусира на неа. И со автомобилите и со камионите, целта е да се премине на електрификација и автономна контрола.
Конкретно, Daimler Trucks е веќе најголемиот производител на камиони и автобуси во Европа, Северна Америка и Азија. Компанијата остварува значителен напредок во истражувањето и развојот на електрични машини, како такви со горивни ќелии и автономно возење. И со автомобилите се преземаат сериозни активности во овие насоки.
За да се случи сето погоре кажано, пресудна и конечна ќе биде одлуката по состанокот на акционери на Daimler закажан за третиот квартал од годината. Дотогаш германскиот гигант ќе продолжи да работи како и порано.