Daimler го прекина производството во Унгарија
Производните линии на германската компанија во Унгарија ќе бидат во мирување во наредните триесет дена
Mercedes потврди дека запирањето на производството е предизвикано од глобалниот недостиг на полупроводници и микрочипови. Работниците поради тоа ќе бидат на продолжен одмор околу новогодишните празници. За тоа време, во Унгарија треба да се извршуваат редовните работи во однос на одржување на погонот.
Во октомври, брендот од Штутгарт започна со склопување на моделот EQB во оваа фабрика, многу важен член во електричното портфолиото на марката. Извесно е дека оваа суспензија ќе има сериозни последици за почетниот комерцијален успех на споменатиот теренец на батерии.
Според достапните податоци, во фабриката во Кечкемет се вработени околу 4.400 работници. Минатата година од оваа фабрика излегоа околу 160.000 автомобили, додека годинава поради неколку прекини во работата таа бројка ќе биде далеку поскромна.
Според официјалните изјави од Mercedes, фабриката во Кечкемет треба да се врати во нормален систем на функционирање на 12 јануари.