Dacia го „боцна“ BMW за наплатата за греење на седиштата и понуди бесплатни термофори
Dacia во одредени британски салони понудила бесплатни термофори, со што ги „боцна“ BMW и некои други производители за нивната „претплата за греење на седиштата“
Dacia промовира термофори под името „Heated Seat Saviors“ исмевајќи ја одлуката на BMW и другите компании со слични политики, кои одлучија да го наплатат греењето на седиштата во студените зимски денови.
Романската компанија истакнува дека е позната по едноставните решенија со кои се избегнуваат дополнителни трошоци за клиентите. Производителот на автомобили по пристапни цени истакнува дека водечките верзии на моделите Sandero Stepway, Duster и Jagger имаат грејачи на предните седишта како стандардна опрема.
Термофорите ќе бидат достапни во салоните на Dacia во Брент Крос (Лондон), Тринити Веј (Манчестер) и Фендрод Веј (Свонси) на 1 и 2 февруари до 16 часот. Секој салон ќе им подари по 25 термофори на најбрзите, без услов за никакво купување.
„Heated Seat Saviors“ се шега, но тие навистина ја истакнуваат насоката на пошироката индустрија кон претплата за пристап до функциите. Барањето од некој да плати дополнително за активирање на фабрички инсталирана опрема дефинитивно не е стил на Dacia“, вели директорот на Dacia во Велика Британија, Лук Бред.
Извршниот директор на Dacia, Денис Ле Вот, минатата година изјави дека клиентите не треба да бидат принудени да плаќаат за технологија за активна безбедност ако не ја сакаат.
Dacia нуди некои од најприфатливите автомобили во Европа, а нејзиниот најскап модел, Jogger Hybrid, чини најмалку 23.800 евра во Германија. Концептот Bigster го најави доаѓањето на поголем теренец кон средината на деценијата, а се очекува и пораст на цената.