Dacia Duster ќе остане ценовно прифатлив без оглед на електрификацијата
Dacia работи на тоа да обезбеди Duster да остане ценовно прифатлив, без оглед на идната електрификација на понудата
Романската компанија, која е во сопственост на Renault, и понатаму планира да го задржи соодносот – инвестирано и добиено на високо ниво за цената, така да ќе продолжи да им се обраќа на клиентите кои бараат едноставен автомобил кој е способен да се симне од асфалтот секогаш кога е потребно.
Кога станува збор за идниот новитет, теренските способности ќе бидат приоритет. Верзијата 4 × 4 која е во заминување е еден од најевтините SUV модели на пазарот, но исто така е многу добар теренец, иако не е строго специјализиран за овој тип на возење. Dacia планира да продолжи со победничката формула.
Претходно оваа година, шефот на Dacia, Денис Ле Вот, изјави дека романската марка максимално ќе ја искористи достапноста на CMF-B платформата на алијансата Renault-Nissan-Mitsubishi, на која веќе се потпира Sandero, како дел од планот сите Dacia и Ladа модели да бидат поставени на единствена архитектура.
Ова исто така значи дека новата генерација на Duster ќе го усвои истиот plug-in хибриден погон како и Renault Captur, додека електричната верзија ќе ја преземе платформата CMF-BEV на која се базира новиот Renault 5 EV.
Всушност, архитектурата CMF-BEV е тесно поврзана со конвенционалната структура CMF-B, што ја прави погодна за производство на истите фабрички линии. Од клучно значење се севкупните димензии, вклучително и меѓуоскиното растојание и препустите, да бидат во голема мера слични, со што се минимизираат потенцијалните (скапи) модификации на каросеријата и шасијата.
Од Renault потврдија дека 16-инчните фелни во ретро-стилот од „петката“ ќе бидат префрлени во серискиот модел, што значи дека платформата CMF-BEV ќе може да смести потешки тркала и гуми, што е важно за Duster за да ја „одржува“ формата и привлечноста.
Сепак, треба да се напомене дека CMF-BEV архитектурата подразбира погон на предните тркала, така што во моментов не е компатибилна со двомоторна поставка и погон на сите тркала, за разлика од поголемата CMF-EV архитектура, која може да има втор мотор на задната оска, како во случајот со идниот електричен кросовер на Alpine.
Dacia воедно планира и да го прошири своето портфолио, бидејќи планира да лансира поголем модел наречен Bigster, кој треба да стапи на сцената во 2025 година, како ривал на Nissan Qashqai и Volkswagen Tiguan, а ќе почива на платформата CMF-B во конвенционална и хибридна верзија.