Dacia Duster и во пикап издание
Возилото ќе може да понесе товар до 500 килограми
Пред две години романската компанија Romturingia претстави прототип на пикап базиран на втората генерација на Dacia Duster. Сериската верзија на моделот е веќе подготвена и излегува на пазарот, а во нејзиниот развој повторно учествуваат две компании – Dacia и Romturingia.
Новиот Dacia Duster Pick-Up ќе биде достапен само со единечна кабина, со должина на товарниот дел од 1,65 метри и волумен од 1000 литри. Товарот што може да го носи возилото е 500 килограми, а задната врата е изработена од композитни материјали.
Во споредба со теренецот Duster, пикапот е пократок за 19 mm (4.341 mm), а неговиот клиренс (мерено кога е празен) е за 14 mm повисок (224 mm). За моделот ќе биде понудена само една варијанта на погон со 1.5-литарски турбодизел мотор BlueDCi со 113 КС спарен со 6-степен мануелен менувач и систем за погон на четири тркала.
Од Dacia се категорични дека благодарение на вртежниот момент од 260 Nm и малата потрошувачка на гориво од 4,93 l / 100 km, ова е идеален мотор за Duster Pick-Up. Пикапот ќе биде достапен само во една боја (Glacier White), а сите произведени единици ќе добијат тркала од 16 инчи. Опремата вклучува ESP, ABS со EBD системи, предни и странични воздушни перничиња, како и помош за нагорнина и надолнина.
Во Романија Duster Pick-Up има цена од 22.546 евра, што е за 4,046 евра повеќе од верзијата Duster Blue dCi 115 4WD со ниво на опрема Comfort на кој се базира. Сè уште не е јасно дали пикапот ќе се продава на пазарите надвор од земјата.