![Citroen Oli: Радикален, одговорен и оптимистички концепт направен од рециклирани материјали / ФОТО+ВИДЕО](https://dodajgas.mk/wp-content/uploads/2022/09/cl_22017003recadre-633409746667a.jpeg)
Citroen Oli: Радикален, одговорен и оптимистички концепт направен од рециклирани материјали / ФОТО+ВИДЕО
Откако Citroën пред неколку дена го претстави своето изменето лого (инспирирано од оригиналната верзија од 1919 година), францускиот производител го претстави и новиот електричен концепт автомобил Oli, на кој за прв пат е применето новото лого
Концептот Oli се одликува со необичен стил кој се фокусира на пристапност и одржливост. Концептот е направен од рециклирани материјали и е опишан како „лабораторија на тркала“.
Неконвенционалниот стил на каросеријата вклучува вертикално ветробранско стакло, таканаречени самоубиствени врати за лесен пристап до шарената кабина, футуристички тркала од челик и алуминиум и гуми Goodyear Eagle GO дизајнирани за долговечност.
Новото лого е обоено во инфра-црвена боја, во хармонија со рамката на шофершајбната, акцентите на браникот и тркалата, како и на кабината. Предните LED светла во облик на C имаат интегрирани влезови, а LED задните светла ја следат истата шема. Исто така, на вратите има неколку заштитни елементи во стилот на Airbump.
Во задниот дел на возилото има посебен простор, кој е направен од рециклиран картон, скриен под задното ветробранско стакло кое се отвора нагоре. Преградата може да се извади и да се прошири од 679 mm до 1050 mm во должина, благодарение на преклопната задна врата. Со ширина од 994 mm и максимална висина од 582 mm кога панелот не е на свое место, овој простор може да собере поголеми предмети од конвенционален багажник.
Во внатрешноста има четири индивидуални седишта со споменатата инфра-црвена боја. Седиштата, изработени од термопластичен полиуретан (TPU) со 3D-печатена мрежа на потпирачите за грб, се монтирани на цевкасти рамки прикачени на подот преку изолациони прстени кои апсорбираат удари. Тие користат многу помалку делови отколку во конвенционален автомобил, што е случај и со таблата со инструменти.
Наместо повеќе големи екрани на допир, дизајнерите на Citroen додале место за паметни телефони, пет прекинувачи за контрола на климата, USB приклучоци и практична полица изработена од еластолан. Сепак, постои еден екран за проекција на информации наречен Smartband, кој се наоѓа на дното на шофершајбната. Сите функции се контролираат преку џојстик поставен на воланот.
Концептот Oli ја интегрира филозофијата „Напредна удобност“ (Advanced Comfort), а истовремено нуди многу практичност. Модуларниот под е изработен од едноделна експандирана термопластична полиуретанска пена (E-TPU), која може да се замени. Citroen додал и водоотпорен слој кој може да се чисти со црево благодарение на приклучоците за одвод. Панелите на вратите се исто така поедноставени со големи корпи за складирање и едноставен дизајн.
Целната тежина на Oli е 1.000 kg, а благодарение на малата потрошувачка од 10 kWh/100 km, има проценет домет од 400 km. Батеријата е 40 kWh и може да се полни од 20-80 проценти за 23 минути.
Концептот, исто така, ја поддржува можноста „Vehicle to Grid“ (V2G) и „Vehicle to Load“ (V2L), што значи дека може да складира енергија и да ја продава назад на мрежата или да напојува електрични уреди преку интегриран штекер. Citroën не објави бројки за моќноста или бројот на електрични мотори, но познато е дека брзината е ограничена на 110 km/h, што ја фаворизира ефикасноста пред перформансите.
Citroen Oli е концептно возило, но француската компанија посочува дека треба да очекуваме да ги видиме неговите „идеи, дизајнерски детали и унапредувања во внатрешноста претставени во идните сериски модели“.