Чудесно закрепнување на Alfa Romeo
Италијанската компанија е на добар пат
Ова го потврди првиот човек на Stellantis, Карлос Таварес на салонот во Париз, велејќи дека Alfa Romeo годинава ќе има рекордни финансиски резултати.
„Дефинитивно поминаа најтешките времиња и Alfa е на добар пат“, објаснува Таварес и додава: „Alfa работи многу добро. Го свртевме бизнисот и сега е профитабилен. Сега компанијата е во позиција да финансира сопствена иднина – сигурно е. Пресвртот беше направен уште пред лансирањето на моделот Tonale“.
Таварес гарантира дека иднината на Alfa е сигурна уште многу години:
„Ова ќе биде рекордна година за брендот. Alfa е мирна во следните 10 години. Откако го создадовме Stellantis, нејзиниот пресврт беше спектакуларен“.
Да потсетиме дека до неодамна Alfa Romeo беше во безизлезна ситуација со буквално два активни модели. Сега пристигна Tonale, компактен SUV модел кој веднаш го освои местото на најпродаван модел на марката. Во исто време, беа најавени голем број новитети за 2024 година, вклучително и седан позициониран над Giulia. Како што дознава Autocar, пристигнува и спортски модел со гените на култниот T33 Stradale.
Да речеме и дека Таварес јасно нагласи дека Alfa Romeo, DS и Lancia се трите премиум брендови во составот на Stellantis и дека како такви сега можат да дадат „ограничен придонес во групата во споредба со другите брендови“. Во иднина се очекува многу повеќе.