Ferrari е принуден да отповика над илјада примероци од супер-скапиот GT

Станува збор за моделот 812 Superfast, кај кој поради лошо поврзување, постои можност задниот панел со стаклото да се откачи и да отпадне. Токму затоа ќе мора да се сервисираат точно 1063 примероци, пренесува американската NHTSA.

Интересно, првите случаи се забележани оваа пролет во Германија, а истрагата покажала грешка кај добавувачот. Имено, производителот на стакло не ја исчистил доволно добро површината на местото на врзување со конструкцијата на автомобилот, па следствено изостанала добра адхезија. На 30 септември, Ferrari донел одлука моделот да биде отповикан и да се сервисираат сите проблематични единици.

Сопствениците на спорните автомобили ќе добијат известување најдоцна до 6 декември. На сите автомобили ќе им бидат заменети задните стакла.

Ferrari 812 Superfast е претставен во 2017 година како наследник на моделот F12 tdf. Го придвижува 6.5 V12 со 800 КС и 718 Nm. До 100 km/h стигнува за 2,9 секунди, а максималната брзина е 340 km/h.