Ограничената серија ќе се состои од 111 парчиња, од кои 11 со скапоцени камења

Може ли јајцето да чини колку еден Lamborghini суперавтомобил? Кога е направен од Bugatti во соработка со Asprey – може. Францускиот производител на луксузни автомобили и британската фирма за накит најавија лансирање на колекција на необични уметнички предмети.

Станува збор за 111 јајца на постоље, со „лушпа“ направена од јаглерод и покриена со решетка која може да биде сребрена или златна. Држачот е исто така сребрен. Цената на 100 од нив ќе биде од 20.000 до 50.000 долари. Последните 11 примероци ќе бидат направени во ексклузивни бои и украсени со дијаманти и ќе чинат околу 200.000 долари, што е споредливо со цената на еден Lamborghini суперавтомобил.

Карло Бугати, таткото на Еторе Бугати – основач и сопственик на автомобилската компанија Automobiles E. Bugatti, еднаш рекол: „Најчистата совршена форма на природата е јајцето“.

Овие зборови се инспирација за следната еволуција на партнерството помеѓу Bugatti и Asprey, кое започна на почетокот на 2022 година, дозволувајќи им на луксузните брендови да работат и во физичката и во дигиталната област, при што купувачите добиваат персонализиран NFT токен.

Самиот облик на „скулптурата“ е упатување на овие зборови на Карло. Уште еден потсетник на минатото се силуетите на слоновите на површината на јајцето. Авторството на „Танцувачкиот слон“ му припаѓа на скулпторот Рембрант Бугати – братот на Еторе, а самиот Еторе ја искористил силуетата за да го украси Bugatti Type 41 Royale, познат како најлуксузниот автомобил некогаш создаден.

Внатре во јајцето се наоѓа реплика на седиштето на компанијата во Молсхајм, пред кое се наоѓа моделот Type 41 Royale. Сепак, сликите од „полнењето“ сè уште не се објавени.