На крајот од месец октомври минатата година, Bugatti објави дека во тоа време се уште се достапни помалку од 40 единици Chiron, за сега да биде објавено дека сите се дефинитивно распродадени

Како шти се наведува, минатата година вкупно 150 клиенти со длабоки џебови нарачале W16 „монструми“, од кои 60 отсто биле нови за брендот од Молсхајм. Од 150 идни Bugatti сопственици, 40 од нив се одлучиле за Bolide или таканаречениот „најекстремен Bugatti досега“.

Иако „ѕверот“ за тркачка патека во продукциска форма беше прикажан минатиот август, на францускиот бренд му беа потребни само неколку месеци да ги продаде сите единици, достапни по цена од 4 милиони евра за парче (без данок). Автомобилите нема да бидат испорачани пред 2024 година.

Инаку, Bugatti во 2021 година започна со испораки на моделот Super Sport 300+ и на својот мистериозен сопственик му го испорача уникатниот La Voiture Noire вреден 13,4 милиони долари. Дополнително, сите Divo единици се предадени во текот на последните 12 месеци во кои компанијата отвори и четири салони во Токио, Сингапур, Ријад и Манчестер.

Што се однесува до тоа што подготвува Bugatti за 2022 година, сите десет примероци од моделот Centodieci ќе бидат комплетирани и доставени до сопствениците. Испораките на Super Sport 300 (без +) до клиентите ќе започнат наскоро како дел од поголемиот план на Bugatti за испорака на најмалку 80 возила оваа година.