Во 2020 година, Bentley беше еден од ретките производители што забележа раст на продажбата. Минатата година овој премиум производител до клиентите испорачал рекордни 11.206 возила, со пораст на продажбата за 2% во споредба со 2019 година

Ова се случи и покрај пандемијата и целосно затворање на фабриката во Кру седум недели помеѓу март и април 2020 година. Дури и кога фабриката продолжи со работа, нејзиниот капацитет беше преполовен во текот на девет недели. Меѓутоа, крајот од минатата година, покажа дека Bentley продал нешто повеќе автомобили отколку во 2019 година, а тоа најмногу се должи на растот на интересот на клиентите во Кина, каде продажбата скокнала за 48%, пред се на новата генерација на моделот Flying Spur.

И додека продажбата на нови автомобили во јануари 2021 година во Европа има 25% пад, Bentley уште еднаш може да се пофали со добар резултат.

Според изјавата дадена за Reuters на Адријан Холмарк, директорот на компанијата, бројот на нарачки во првиот месец од оваа година се зголемил за цели 50% во споредба со јануари 2020 година. Повторно поради интересот на клиентите во Кина.