Досега се потрошени повеќе од 800 милиони евра, а се уште нема договор со ЕУ

Автомобилската индустрија во Велика Британија потрошила 735 милиони фунти (над 820 милиони евра) во досегашните подготовки за Брегзит. Компаниите на Островот сè уште чекаат преговорите меѓу нивната земја и Европската унија да доведат до договор за нула давачки по завршувањето на преодниот рок.

Британското здружение на трговци и производители на автомобили SMMT (Society of Motor Manufacturers and Traders) соопшти дека само оваа година се потрошени 325 милиони фунти за трошоци врзани со излезот на монархијата од заедницата. Повеќе од две третини од членовите на SMMT изјавиле дека прават се за да се подготват за Брегзит, а 70% веќе ги извадиле новите трговски кодови ЕОRI за поефикасно тргување со ЕУ.

Многу компании во Велика Британија направиле значителни трошоци за надополнување на залихите од различни компоненти, а половина ангажирале и царински агенти. Досега, индустријата во земјата многу се потпираше на брзите испораки од и кон континентот, а компаниите очекуваат овој процес да биде значително попречен со воведувањето гранични контроли. Компаниите се залагаат за јасност во воведувањето нови клучни царински системи.

Доколку договорот за слободна трговија не се случи наскоро, SMMT стравува дека стоката нема да може да се испорачува слободно, како што беше досега и дека компаниите нема да повластените трговски услови. Здружението предупредува дека Брегзит без договор ќе го чини секторот околу 47 милијарди фунти само во следните пет години. Покрај тоа, тоа ќе доведе до значително зголемување на невработеноста и ќе стави големи кочници на целата британска економија.

Да потсетиме дека многу производители на автомобили имаат свои капацитети во Велика Британија – Ford, Nissan, Honda, Toyota, заедно со локалните брендови како Aston Martin, Jaguarl, Land Rover, Mini, итн.