Чадот од ауспухот може да биде различен по интензитет, но и по боја, а секоја од нив укажува на различен проблем со вашиот автомобил

Бојата на чадот е најчесто бела, сина или црна, а еве со кои дефекти се поврзува.

Бел чад

Обично се појавува по палење на ладен мотор. Со загревање на машината, се создава кондензација во системот за издувни гасови, па со зголемувањето на температурата, така и водата испарува. Белиот чад е всушност пареа, па затоа не мора да се грижите.

Меѓутоа, ако таквиот чад продолжи да излегува од ауспухот подолго време, тоа може да укаже на истекување на течноста за ладење во моторот, односно дека е време да се замени дихтунгот на главата на моторот. Покрај тоа, белиот чад може да се појави ако моторот има проблем со прегревање, но тоа лесно може да види и на инструмент таблата.

Доколку дојде до дефект на турбокомпресорот, голема количина на масло ќе заврши во системот за всмукување, што исто така предизвикува бел чад.

Црн чад

Најчесто се гледа кај постарите модели со дизел мотор. Бидејќи дизелите, како по правило, испуштаат повеќе гасови, филтерот лесно се запушува и од него почнува да излегува црн чад.

Затоа секој автомобил, кој често се вози низ град односно на кратки делници, треба од време на време да се „издува“ на автопатот. Ова ќе го исчисти целиот систем и филтерот за воздух и ќе се избегнат дополнителни трошоци.

Кај бензинците, црниот чад може да има поинакво значење, поточно дека возилото троши премногу гориво. Во тој случај, потребно е да се прегледа филтерот за воздух, па доколку е во ред, посетете механичар за да се провери односот на гориво и воздух кој го добива моторот.

Син чад

Тој е најопасниот! Обично укажува на прекумерна потрошувачка (согорување) на масло во моторот, а со тоа и недостаток на средство за подмачкување на неговите подвижни делови. Значи, ако видите син чад, веднаш посетете механичар бидејќи по само сто километри со споменатиот проблем, можете да направите опасна штета, која се поправа со ремонт на моторот.