BMW X7 добива нов лик / ФОТО
Најпрестижниот подигнат модел на BMW го доживува својот прв редизајн, кој според најавите носи многу новитети.
Тие се пред се од естетска природа. И додека сме навикнати производителите под редизајн да наведат замена на пластичната обвивка на светлата и нов дизајн на бандажите, во овој случај промените се пообемни.
Она што е најзабележливо е дека X7 би добил нов дизајн на предниот дел со поделени предни фарови. Тоа го покажаа шпионските фотографии, па дури и една службена која протече во јавноста, а тоа го искористиле дизајнерите од Kolesa.ru за да направат рендер на идниот модел.
Нивните рендери одлично се совпаѓаат со готовиот производ, што во овој случај би значело дека X7 навистина ќе добие значително изменета предна страна. Така, X7 ќе има одвоени дневни светла поставени над фаровите. Порано прикажаниот концепт XM ја имаше истата филозофија.
Уште една голема новост е во кабината, а тоа е имплементацијата на системот iDrive 8. Исто така, се очекува дополнително зголемување на квалитетот, некои нови детали, се со цел успешно да се држи чекор со Mercedes GLS.
Очигледно нема да има ништо од верзијата М, но се шпекулира дека Alpina би можела да развие посебна верзија наречена XB7 под покровителство на BMW, но веројатно дури следната година. Во меѓувреме, X7 ќе го загуби статусот на топ модел бидејќи се очекува и XM да се појави на патиштата до крајот на годината.
Со нетрпение се очекува 20 април и премиерата на Серија 7 (и i7), кога ќе се знае многу повеќе за новата генерација на бензински и дизел мотори.