Амбициозните цели на баварскиот производител вклучуваат големо зголемување на продажбата на електрични автомобили

Побарувачката за батериски модели евидентно расте, но дали навистина ќе се остварат силните најави на лидерите во автомобилската индустрија во врска со процентот на овие возила во вкупната продажба? Извршниот директор на BMW, Оливер Ципсе, вели дека желбата на брендот е удел од 20% (EV модели) во продажниот микс до 2023 година.

Ципсе исто така тврди дека BMW ги забрзал своите планови во врска со електрификацијата. 

„Помеѓу 2021 и 2023 година, ќе произведеме 250.000 повеќе електрични автомобили отколку што првично се очекуваше“, вели првиот човек на BMW во интервју за германски „Augsburger Allgemeine“.

Ова значи дека ако 20% од вкупната продажба на германската премиум марка до 2023 година отпадне на електрични модели, тоа би значело дека BMW ќе мора да ги удвои пратките на автомобили со батерии во наредните години, дури и повеќе од тоа, бидејќи на крајот на оваа година електричните изданија ќе имаат удел во продажбате од 8%.

Сепак, Оливер Ципсе е убеден дека поставените цели се доста остварливи, но она што го загрижува е недостатокот на соодветна инфраструктура, поточно јавни полначи за електрични возила. За да може мрежата на полначи целосно да ја следи експанзијата на автомобилите со батерии, мора итно да се зголеми бројот на станици за полнење.

„Секоја недела, 15.000 приватни и 1.300 јавни полначи треба да бидат вклучени во протоколот… Од денес. Но, далеку сме од тоа“, вели Оливер Ципсе на прашањето дали има доволно полначи што можат да го следат големиот раст на продажбата на електрични автомобили.