
BMW „Neue Klasse“ ќе дебитира во форма на електрична Серија 3 во 2025 година
Сегашната генерација на BMW Серија 3 (G20) се произведува од крајот на 2018 година, и допрва треба да помине низ редовно рестилизирање. Сепак, новите извештаи веќе испраќаат сигнали за наследникот
Иако идната ревидирана верзија ќе донесе и електрична варијанта, таа ќе се потпира на истата платформа CLAR како и моделот со конвенционален погон. Серија 3 базирана на наменската електрична платформа треба да стапи на сцена во 2025 година.
BMW новата архитектура под име Neue Klasse ќе ја инаугурира со Серија 3 со нулта емисија на гасови, внатрешно позната како „NK1“. Предметниот модел нема да го замени стандардниот, бидејќи баварскиот спортски седан ќе влезе во уште една генерација со бензински и дизел мотори, што ќе и овозможи на компанијата да ја покрие понудата, на ист начин како што тоа го прави Porsche со електричниот Macan.
Развиена од првиот ден строго како електричен автомобил, Серија 3 без мотор со внатрешно согорување ќе има подолго меѓуоскино растојание, што ќе го направи ентериерот попростран во споредба со традиционалниот модел. Електричниот дебитант ќе биде достапен со единечен мотор и погон на задните тркала, како и верзија со два мотори и xDrive.
„Електроцентричниот дизајн“, наводно, е планиран, веројатно со забележително помали предни и задни препусти, за да се максимизира меѓуоскиното растојание и да се испорачаат подобрувања во смисол на пакет што се очекува од електричен автомобил. За да се надомести зголемената тежина, BMW планира обилно да користи алуминиум во комбинација со „кафез“ структура на каросеријата од карбонски влакна и CFRP за некои компоненти.
Деталите за просторот во кабината засега се ограничени, но во извештајот се вели дека BMW е фокусиран на еколошки ентериери со рециклирани материјали, кои беа објавени преку концептот Vision Circular, кој дебитираше на IAA во Минхен овој септември. Во извештаите во моментов се споменува само седан варијанта, но прашање е само кога ќе се понуди и Touring верзија без мотор со внатрешно согорување.
BMW развива нови електрични мотори, и се вели дека тие се помоќни и поефикасни од оние што се користат во моментов. Брзото полнење ќе оди до 350 kW, додека максималната автономија се проценува на над 700 километри, кога станува збор за електричната „тројка“.
Шефот за истражување и развој на BMW, Франк Вебер, веќе сугерираше дека платформата Neue Klasse ќе биде наменета за перформантни модели, па затоа може да се очекува и M3 EV.