Според Баварците, брзото напуштање на моторите со внатрешно согорување е голема грешка

Пред само неколку дена, Toyota објави дека компанијата нема намера да ги насочуваат сите свои ресурси кон развој на електрични возила, за сега со слична позиција излезе уште еден голем производител – BMW. Според баварскиот концерн, напуштањето на моторите со внатрешно согорување е избрзано и може да ја преполови продажбата на автомобили.

Изјавата на BMW јасно ја покажува поделбата во глобалната автомобилска индустрија на две главни фракции. Од една страна, тука се компаниите кои сакаат целосно да се фокусираат на електрични возила, а од друга страна оние производители кои препознаваат дека енергетската транзиција е неопходна, но тоа носи сериозни ризици и не треба да се брза.

Во првата група спаѓаат Audi и Mercedes, кои се сè поблиску до целосно напуштање на моторите со внатрешно согорување, додека во втората група влегуваат Toyota и BMW, чиј извршен директор Оливер Ципсе потенцира колку е опасно целиот фокус да се префрли на електрични автомобили.

Всушност, BMW работи на модели со електричен погон и веќе ги лансираше своите кросовери iX3 и iX, кои располагаат со најсовремена технологија. Од друга страна, бензинот и дизелот се уште се важен дел од работата на одделот за истражување и развој и се очекува да бидат такви уште долго време.

„Оние кои навистина одлучуваат што ќе се случи во нашиот сектор се клиентите. И никогаш не треба тоа да го губите од вид. Доколку производителот повеќе не нуди мотори со внатрешно согорување, тој губи половина од обемот на пазарот“, цитиран Ципсе од германските весници Passauer Neue Presse и Donaukurier.

Истиот концепт беше изложен пред само неколку дена од Масахо Маеда, главниот директор за технологија на Toyota, кој рече дека пазарот ги диктира времето и методите на енергетска транзиција во автомобилскиот свет. Самиот Ципсе признава дека во следните 15 години сигурно ќе има градови или цели земји каде што ќе се користат само електрични автомобили. Сепак, тој додава дека за BMW, кој е присутен на 140 пазари низ целиот свет, ова во моментов е чисто коцкање.

Веќе е познато дека во 2030 година BMW планира 50% од продажбата да се однесува на електрифицирани возила. Остатокот, сепак, ќе отпадне на автомобили со мотори со внатрешно согорување. Оваа стратегија целосно е во спротивност со онаа што ја избра Audi, барем така велат германските новинари, а тоа е стоп за моторите со внатрешно согорување веќе од 2026 година.