BMW M се враќа на стариот грб во чест на јубилејот
BMW Motorsport на 24 мај 2022 година ќе прослави 50 години постоење, а по повод овој значаен јубилеј, спортскиот одделение на баварската компанија на купувачите на BMW M моделите во M Sport пакет на опрема ќе им понуди опција за ретро лого со оригинални бои во сина, црвена и виолетова
BMW ќе почне да прима нарачки за возила со ретро знак од јануари следната година, додека производството на овие модели ќе започне во март 2022. Доколку сакате ретро знак наместо стандардниот на вашиот М автомобил, секако ќе треба и да платите, но цената се уште не е позната.
BMW Motorsport GmbH е основана во 1972 година, а со учество во трки почнала една година подоцна. Логото имало полукругови во сина, црвена и виолетова боја. Сината означувала BMW, црвената тркање, а виолетовата врската помеѓу двата концепта. BMW Motorsport GmbH стана BMW M GmbH во 1993 година, а логото е малку променето бидејќи виолетовата боја е заменета со нијанса на темно сина. Опцијата за ретро знак нема да биде единствениот начин на кој BMW ќе го прослави јубилејот на својот спортски оддел.
Индивидуалните М модели ќе бидат достапни во ретро бои како Dakar Yellow, Fire Orange, Daytona Violet, Macao Blue, Imola Red и Frozen Marina Bay Blue. Дополнително, во текот на следната година ќе бидат претставени неколку нови верзии на М автомобилите.
BMW M3 ќе добие караванска Touring варијанта, додека M4 ќе добие изведба CSL. Новиот М2 исто така се очекува да биде најмалото спортско купе на компанијата, а наскоро ќе пристигне и првиот електричен М автомобил.