BMW ќе продолжи со развој на мотори со внатрешно согорување
Баварците веруваат дека овој тип на мотор ќе биде баран уште многу години
Германскиот производител на премиум автомобили нема да се откаже од развојот на мотори со внатрешно согорување, ако се суди според изјавата на извршниот директор на баварската компанија Оливер Ципсе.
Само пред неколку дена, извршниот директор на Audi, Маркус Дајсман изјави дека новите еколошки стандарди во Европа го прават развојот на новите генерации мотори со внатрешно согорување премногу скап и не вреди да се инвестира. Затоа во Audi се запрени сите нови случувања во оваа насока, а ќе продолжи развојот на сегашната гама на мотори и нивна поддршка колку што е разумно.
Извршниот директор на Mercedes, Маркус Шефер е со слично мислење. Коментирајќи за германскиот весник Handelsblatt, тој вели дека „најголемиот дел од инвестициите на неговата компанија ќе бидат насочени кон електричната мобилност“.
BMW веќе објави дека марката MINI ќе стане целосно електрична, а по 2025 година нема да развива модели со мотори со внатрешно согорување. Во исто време, Баварците открија детали за нивниот електричен кросовер iX и го покажаа електричниот седан i4, кој ќе се најде во продажба следната година.
Сето ова сугерира дека BMW ќе оди во слична насока, но изјавата на Ципсе ги побива овие тврдења. Компанијата е убедена дека моторите со внатрешно согорување можат да бидат корисни долго време за хибридните модели во Европа. Покрај тоа, многу пазари на другите континенти сè уште не се под влијание на ваквите ограничувања, така што бензинските и дизел моторите ќе продолжат да бидат многу важни за нив.