BMW iX3 суптилно освежен / ФОТО
Верувале или не, првите промени за iX3 пристигнуваат само две години по дебито на овој модел. Сепак, промените се крајно минимални и само остри очи можат веднаш да ги забележат.
Еволуцијата е на анфасот. „Бубрезите“, кои овде имаат чисто естетска улога, сега се нешто поголеми од претходно. Светлата се потесни за 1 см и доаѓаат стандардно во матрикс LED технологија, додека опционално е можно да се добијат и ласерски светла.
Пакетот BMW iX3 M доаѓа стандардно со 19-инчни тркала, а можно е да се добијат и специјални аеродинамични фелни од 20 инчи, но за нив треба да платите дополнително. Баварците наведуваат дека тежиштето на iX3 е пониско за 74 mm во споредба со конвенционалниот X3 30i, а распределбата на масата е 43:57.
Мали промени има и во салонот. Пред возачот се уште е присутен дуал дисплеј систем со дијагонала од 12,3 инчи. Едниот екран ја игра улогата на инструмент табла, додека другиот се користи за контрола на инфо-забавниот систем. BMW, исто така, го променил изгледот на „рачката на менувачот“, и нуди нови навлаки за седиштата.
Кога станува збор за погонот, тука се е исто. Значи, iX3 доаѓа со еден електричен мотор монтиран над задната оска. Погонскиот агрегат испорачува 282 КС и 400 Nm, што овозможува многу добри перформанси. Забрзувањето од место до 100 km/h се изведува за 6,8 секунди, додека максималната брзина е ограничена на 180 km/h.
Нема промени ниту кога станува збор за батеријата. Капацитетот е сеуште 80 kWh (74 kWh се употребливи за возачот), што овозможува дострел од 460 километри според протоколот WLTP. BMW iX3 може да се дополни за 100 километри автономија за 10 минути полнење на суперполнач од 150 kW.
[useyourdrive dir=”1IGIgmQWCtfYeYIP7kN7EJnVs4b3py4Z5″ maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]
Баварскиот производител објави дека јавноста ќе има можност да се сретне со освежениот електричен X3 на саемот за автомобили во Минхен следниот месец. Токму тогаш, ќе започне производството на овој SUV на батерии во Кина.