Воведувањето сè построги санкции против Руската Федерација, меѓу другото, доведе до фактот дека во некои региони на оваа огромна земја, цените на нафтените деривати почнуваат да паѓаат

Намалениот извоз предизвика зголемен обем на испораки на домашен терен, што во согласност со законот за понуда и побарувачка, истовремено подразбира и корекција на цените на пониско ниво.

Дека работите ќе одат во таа насока потврдува и прогнозата на Руското федерално антимонополско тело, кое забележува дека се исполнети сите предуслови пазарната цена на горивото да го започне својот пат кон пониски вредности. На сајтот што ги прикажува светските цени на горивата, се наоѓаат податоци кои покажуваат дека просечната цена на бензинот во Русија на 28 февруари била 51,89 рубљи, додека на 7 март паднала на 50,79 рубљи (0,48 евра за литар). Во исто време, просечната цена на ова гориво во светот беше на ниво од 238,45 рубљи (2,27 евра).

Така, со првата недела од март започна трендот на пад на цените на бензините и нафтата на бензинските пумпи во Русија. Како што пишува RBC, цените веќе бележат пад во Нижни Новгород и Иркутск, Сиктивкар, Салехард, како и на територијата Приморска. Споменатиот антимонополски орган најави можност за намалување на цените, но не излезе со прогноза која е целосно веродостојна.

Руските деловни медиуми јавуваат дека цените на нафтените деривати во големопродажбата се пониски во првите денови на март во однос на крајот на февруари, за 22 до 24,5 отсто. Покрај санкциите кон Русија, на цената на горивото влијае и тоа што од Белорусија почнаа да пристигнуваат поголеми количини суровини, кои претходно беа предмет на извоз во Украина и балтичките земји, што е последица и на казнувањето од западот на Белорусија.

Но, на цената на нафтените деривати во Русија влијае и растечкиот курс на американскиот долар, како и падот на вредноста на националната валута. Во меѓувреме, цените на горивата во Америка ги надминуваат историските врвови, па официјалната бројка е дека галон бензин на Денот на жената чинел во просек 4,17 долари (1,1 долари за литар), додека дизелот бил поскап за осум американски центи за литар.