Актуелната генерација на Volkswagen Polo е на пазарот од 2017 година, па дојде време за рестилизација бидејќи конкуренцијата во овој сегмент е исклучително силна (Opel Corsa, Renault Clio, Citroen C3, Peugeot 208, Ford Fiesta, Seat Ibiza, Hyundai i20, Toyota Yaris …)

Германците најавија дека обновеното Polo својата премиера ќе ја има кон крајот на оваа недела (четврток, 22 април), но неколку фотографии очигледно го нашле својот пат на интернет порано од што е предвидено.

Измени ќе има и на предниот и на задниот дел, по примерот на поновите модели на оваа марка. Ова вклучува и нови LED светла, обновена маска и нов преден браник, како и поголеми задни светла и модифициран заден браник.

Покрај тоа, понудата ќе вклучува нов дизајн за фелните, неколку нови бои и модифициран ентериер (подобрен инфо-забавен систем, опционално дигитална инструмент табла, материјали со повисок квалитет и побогата опрема).

Исто така, според претходните информации, Volkswagen планира да ја освежи моторната гама, која исто така ќе вклучува благо-хибридни верзии. Останува да видиме дали Polo GTI и Polo TGI ќе бидат претставени и ажурирани веднаш.

Обновеното VW Polo ќе пристигне на пазарот подоцна оваа година, по нешто повисока цена во споредба со сегашната верзија.