Ажурираниот Škoda Karoq на први официјални скици / ФОТО
Škoda Karoq ќе доживее фејслифтинг. Ажурираното издание ќе дебитира на 30 ноември, но веќе се знае што може да се очекува откако производителот ги објави првите официјални скици
Ажурираниот Škoda Karoq секако нема да донесе револуција. Чесите, како и во случајот со поголемиот Kodiaq, се фокусирале првенствено на деталите. Судејќи според графиката на верзијата Sportline, најголемите промени се во осветлувањето.
И предните и задните светла ќе добијат помодерна, потесна форма, со што Karoq веројатно ќе изгледа подинамично. Значајна новина на задната страна ќе биде натписот наместо логото на производителот.
Секако, како што доликува на верзијата Sportline, внимание привлекуваат и црните контрастни уметоци и агресивните браници со големи отвори за воздух. Ќе има и двобојни фелни со посебен дезен. Повеќето клиенти веројатно би сакале да го запознаат и изгледот на поевтините верзии. За тоа, сепак ќе треба да почекаме уште малку.
Официјалната премиера е најавена за крајот на овој месец. Продажбата треба да започне во првиот квартал од 2022 година.