Кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, се чини, најдлабоко ја погоди глобалната автомобилска индустрија

Производството е суспендирано во многу погони, при што производителите се соочуваат со драматичен пад на побарувачката и последователно слабеење на профитот, што сигурно ќе се засили во наредните недели. Буквално, целиот ланец, од набавка на репроматеријали, делови, до производство, дистрибуција и продажба е во тешка ситуација.

Сепак, во целата оваа несреќа, еден производител, шести ден по ред, покажува знаци на забрзано закрепнување, и тоа во време на таканаречен пик на заразата. Тоа е американскиот производител на електрични автомобили Tesla, чијашто вредност на акциите повторно достигнува вредност од 700 американски долари. Пазарната капитализација на Tesla речиси двојно се зголеми во последните четири недели, односно од моментот кога беше забележана најниската вредност годинава.

Аналитичарите, како предност на Tesla во ова време, ја наведуваат големата извесност дека вирусот ќе ја забави конкуренцијата која е во „потера“ по американска компанија. Volkswagen, Daimler и BMW сега очајно имаат потреба од значителен кеш за да продолжат со работата, а да не дојде до прекин во вложувањето во функција на истражување и развој во областа на електромобилноста.

Токму тоа е причината поради која швајцарската банка Credit Suisse ја ревидираше својата проценка на бонитетот на Tesla зголемувајќи ја целената вредност на 580 американски долари. Во време на пандемија, позицијата на американскиот производител на автомобили е значително подобра од онаа на конкуренцијата, пишува аналитичарот Ден Ливај во студија објавена во вторникот.

Кризата довела до поизразена предност на Tesla во трката за лидерската позиција на концептот на е-мобилност. Сега ќе биде уште потешко за другите производители да се справат со американските пионери во производството на современи електрични возила на четири тркала.