Автомобилите ќе поскапат за 1.000 евра поради еден грам намалување на CO2!
Строгите европски регулативи или стандардот Еуро 7, директно влијаат на цените на автомобилите
Европската унија има големи климатски цели, но прашање е во новите околности, војната во Украина, рецесијата и економската неизвесност, како оваа насока ќе се одрази на животот на луѓето со просечни примања или оние кои во салоните на Bentley, Ferrari, Lamborghini, па дури и Mercedes, BMW…, одат само да им се восхитуваат на нивните автомобили. Сè додека нивната фасцинација не биде прекината од консултантот за продажба со прашањето „Како можам да ви помогнам“?
На конференцијата CahngeNOW, извршниот директор на Renault, Лука де Мео, зборувал токму за ова и јасно ставил до знаење дека строгите европски регулативи, стандардот Еуро 7, директно влијаат на цените на автомобилите, особено на цените на возилата најблиски до повеќето европски клиенти – малите градски автомобили, компактните автомобили…
„Пресметавме што би значел Еуро 7 за нашето портфолио на модели според моментално познатите планови…. Производството на автомобили во просек би чинело 1.000 евра повеќе, а во групата Renault би имале трошоци од околу милијарда евра. Поради тоа просечното возило треба да поскапи за 1.000 евра за три до четири грама намалување на емисиите на CO2“, вели Лука де Мео и додава: „Не можете да очекувате да ја замените старата Nokia со 12 копчиња со паметен телефон со висока технологија со 5G конекција и екран од милион пиксели, а потоа да го понудите поевтино од стариот мобилен телефон“.
Технологиите за намалување на емисиите се скапи и нивното вградување во моторите или издувните системи значително би ја зголемило цената на автомобилите. Стандардот Еуро 7 би овозможил 67% намалување на емисиите на CO2 (во споредба со 1990 година) кај автомобилите во 2030 година, во споредба со 63% доколку сегашниот Euro 6d остане во сила.