Автомобил од 3,8 милиони долари моделиран како борбениот Stealth авион / ВИДЕО
Чудесниот автомобил инспириран од борбениот Stealth авион на американската армија полека но сигурно го пробива својот пат кон пазарот како најскап SUV модел во светот – 3,8 милиони американски долари
Колосалниот SUV модел е направен во Европа и изгледа како нешто што излегло од футуристички научно-фантастичен филм. Засега е планирано производство на само 9 ексклузивни Karlmann King возила со погон на четири тркала и тоа во Италија. За примерок се потребни повеќе од 10.000 часа работа, што значи дека на секои 6 месеци ќе биде направен по еден примерок.
Каросеријата на автомобилот е направена со таканаречената Stealth технологија (материјал речиси невидлив за радарите) во црна боја со бели светла. Во изработката се користат јаглеродни влакна и челик, а супер богатите сопственици ќе можат да си дозволат и блиндирана надградба. Внатрешноста на возилото е исто толку луксузна како и надворешноста, исто така направена од најфини материјали.
Автомобилот е опремен со ТВ со висока дефиниција приклучен на Apple TV и Playstation 4, мини фрижидер (со шише врвен шампањ и две кристални чаши), Nespresso кафемат, a кожниот интериер има и внатрешна расвета, која може да се прилагоди за да одговара на расположението на патниците. Патниците, исто така, можат да ги контролираат и другите светла, климатизацијата, седиштата и нешто што се нарекува SOS Emergency со практична апликација за паметни телефони.
Karlmann King под хаубата има 6.8-литарски V10 мотор со скоро 400 коњски сили и тежи повеќе од 5 тони. Тоа значи дека неговата максимална брзина е доста „конзервативна“ – околу 140 km/h.
Има четири врати и четири седишта. Постои можност за додавање на уште една врата и дополнителни задни седишта.
Креатор на овој автомобил е компанијата IAT Automotive Technology со седиште во Пекинг, која изградила европска фабрика специјално за автомобилот, кој е именуван по француски крал од 6. век.
Компанијата IAT планира да изгради само 9 примероци, бидејќи овој број се смета за среќен број во Кина. Интернационалниот тим кој го дизајнирал овој автомобил го води италијанскиот дизајнер Лучијано Д’Амброзио. Karlmann King содржи најнапредни компоненти произведени во Германија, Италија и други европски земји. Шасијата и моторот ќе ги изработува американскиот Ford.
Автомобилот е долг 6 метри, широк 2,48 метри, а тежината на базниот модел е околу 4 и пол тони. Секој примерок ќе биде уникатен, внатрешноста ќе биде рачно изработена и стилизирана според желбите на идниот сопственик.
Почетната цена на автомобилот е 3,8 милиони долари, но со секој нов сопственик ќе се преговара, во зависност од желбите.