Австралијанците со мобилен телефон во рака ќе бидат ловени од вештачка интелигенција и камери
Камерите за откривање на мобилни уреди користат вештачка интелигенција за разгледување на фотографии и откривање на незаконска употреба на мобилните уреди
Австралиската држава Нов Јужен Велс, во која се наоѓа и најголемиот град во Австралија, Сиднеј, во неделата ги постави првите светски сообраќајни камери за откривање на мобилни уреди, со надеж дека ќе ги намали сообраќајните незгоди за една третина за две години, соопшти управата за сообраќај.
Овие камери за откривање на мобилни телефони ќе работат деноноќно во сите временски услови за да откријат дали возачите имаат телефон во рака, наведува Бирото за сообраќај NSW, кое управува со државните транспортни услуги.
Станува збор за систем кој ќе ја промени културата, вели во изјава командантот на тамошната полиција, Мајкл Корбој, за австралиските медиуми.
Во Австралија, телефонските повици за време на возењето се легални, но само без раце. Сè друго, како видео повици, користење социјални мрежи и фотографии, е нелегално ако сте зад воланот.
Според официјалната статистика, оваа година во оваа земја во сообраќајни несреќи загинале 329 лица. Државата сака да ги намали сообраќајните несреќи за 30 проценти до 2021 година.
Во првите три месеци од воведувањето на системот за откривање, обвинетите возачи ќе добијат предупредувачки писма. Потоа, казните ќе бидат 233 американски долари – вообичаена казна и 457 долари казна за употреба на мобилен уред во училишната зона. И во двата случаи возачите добиваат плус казнени поени.