Според последните податоци, „спортистот“ на Audi е на крајот од животниот пат

Битката во менаџментот на германскиот бренд за судбината на ТТ трае повеќе од три години. Во меѓувреме слушнавме безброј гласини. Од тоа дека TT ќе стане големо купе со четири врати, и дека ќе се класифицира во EV сегментот, но и гласини дека ќе им остане верен на моторите со внатрешно согорување. Сепак, се чини дека ништо од ова не е точно.

Според податоците до кои дошле британските новинари, Audi TT во пензија заминува следната година. Нема да има директен наследник, нема да има нова генерација. Audi е фокусиран на електрификацијата и ќе се обиде да понуди EV модел кој ќе може да буди емоции кај клиентите, или барем така вели Оливер Хофман, технички директор на брендот со четири прстени.

„Електричен наследник за ТТ не е добар правец. Искрено, многу е тешко да се направи таков автомобил со EV технологија. Треба да имаме сличен производ во нашето портфолио, но не и во асортиманот на ТТ“, вели Хофман. 

Audi почувствува силен надолен тренд во продажбата на традиционалните купеа, па ќе се сврти кон поинаков концепт за новитетот. Во меѓувреме, додека се чекаат официјалните најави на германската марка, сосема е извесно дека ресурсите за актуелниот ТТ ќе истечат следната година.

Ниту продажбата веќе не е на задоволително ниво… Минатата година Audi TT стигнал до помалку од 5.900 клиенти во Европа, со пад на продажбата од 22%. Овој модел досега имаше три генерации. Првата се појави на пазарот во 1998 година, втората итерација се појави во 2006 година, додека сегашната верзија дебитираше во 2014 година. Тоа значи дека Audi TT mk3 ќе опстои на сцената девет години, што е исклучително долг период за модерната автомобилска индустрија.