Audi ТТ официјално заминува во пензија
Дефинитивен крај за спортскиот модел
Електрификацијата, стандардите за емисија на штетни гасови, големите инвестиции во нови технологии… се фактори за една ваква, можеби очекувана одлука. Потврдата доаѓа од новиот шеф на германската марка, Маркус Дисман. Моделот ТТ од пазарот ќе исчезне следната година.
Маркус Дисман за германските медиуми вели дека потенцијалот на ТТ за иднината е детално испитан и дека е заклучено дека во такви услови нема шанси овој модел да преживее. Можеби најважно, споменатиот автомобил не генерира сериозни продажни бројки, па и одлуката била полесна.
Шефот на Audi исто така посочува дека новите норми за емисија на на ниво на флота се важен фактор во одлуката за елиминирање на ТТ од понудата.
„Помалку модели со високи емисии овозможува побезгрижно управување со остатокот од портфолиото, барем кога станува збор за емисиите“.
Германските медиуми изминатата година многу шпекулираа за судбината на ТТ. Прво велеа дека Audi ќе понуди уште една варијанта, односно дека ТТ ќе има и верзија седан, за потоа да веруваат дека следен чекор е понатамошна диверзификација на понудата за овој модел, односно претставување на SUV верзија. Сега е ставена точка на сите шпекулации. Се чини дека нема да има ниту EV издание, односно можност Audi ТТ да се префрли на електричен погон.
Така, Audi TT на пазарот ќе опстане до 2021 година, кога и официјално ќе замине во историјата. Овој модел досега има три генерации – 1998, 2006 и 2014 година.