Audi Q8 во моментов е веројатно најатрактивниот SUV во гамата на германскиот гигант, а во исчекување на RS изведбата, врв на понудата е она што го нуди „шминкерот“ ABT

Audi летоска најави шест нови RS модели, откривајќи дури и неколку детали за пет од нив. Местото за шестиот се чува, веројатно, за Q8. Во меѓувреме, за нестрпливите фанови на брендот, а со полни џебови, се погрижи еден угледен тјунер кој понуди вистински дизел звер. Сведоштво за сето ова е видеото во прилог снимено на австриските Алпи.

Audi SQ8 TDI е се само не скромен автомобил. Дури ни во однос на масата која изнесува 2.440 кг со возач од 75 килограми. Под хаубата се наоѓа моќен 4,0 твин-турбо V8 со 435 КС и 900 Nm, но по интервенција на тјунерот агрегатот сега испорачува повеќе, дури 520 КС и 970 Nm.

Сето тоа значи дека и покрај огромниот товар, лесно ќе ги врти 23-инчните тркала. Од помош е и електрично управуваниот компресор, така што максималниот вртежен момент од камионска класа е достапен уште при 1.250 вртежи во минута. Максималната брзина на движење е 250 km/h, a до „стотка“ стигнува за 4,45 секунди.