Audi Skysphere Concept – чиста фасцинација / ФОТО
Овој футуристички, автономен елетричен модел е инспириран од родстерот Horch од 1937 година
Ако се погледне тековниот e-tron GT, а потоа и концептите Sphere, сосема е јасно дека иднината на брендот од Инголштат е светла и загарантирана. Првата од студиите Sphere која може да се види во полн сјај е родстер со две седишта, кој својот прв јавен настап ќе го има на Pebble Beach Concours d’Elegance 2021.
Skysphere под својата фасцинантна каросерија поседува интересен систем. Имено, во движење може да го менува меѓуосовинското растојание, претворајќи се од импозантен, долг гранд турер во родстер, со едноставно притискање на копче. Актуаторите зад предната оска го поместуваат целиот преден дел на автомобилот наназад, скратувајќи го меѓуоскиното растојание за речиси 25 сантиметри во рамките на транзицијата од „GT“ во „Sport“ режим. Теоретски, Skysphere нуди автономно возење од ниво 4, така што во режим GT воланот и педалите се вовлекуваат во контролната табла, создавајќи пространа, транспарентна кабина за два среќни патници.
На „волшебниците“ од Audi некако им успеало Skysphere да изгледа феноменално и во двете конфигурации. Концептот инспирацијата ја нашол во родстерот Horch од 1937 година, кој ја освоил титулата „Best in Show“ во 2009 година на Пебл Бич. Се разбира, Horch е еден од брендовите што учествувале во создавањето на денешното модерно Audi. Останатите две се (заедно со Audi) DKW и Wanderer, од кои произлегува Auto Union, кој подоцна е трансформиран во Audi како што го знаеме денес. Сепак, и покрај сличните пропорции, Skysphere нема ништо ретро во себе.
Мотивот Singleframe на Audi доминира на анфасот од возилото, со осветлени четири прстени. Десетици LED акценти служат како индикатори за насока, создавајќи забавен анимиран танц при пристигнување и заминување. Тесните куќишта на фаровите со триаголни светлосни елементи го осветлуваат патот напред, навестувајќи го изгледот на фаровите на идните модели.
Лаковите на тркалата се конвексни, евоцирајќи на познатиот Quattro од 1980 -тите, додека задниот дел потсетува на тркачки автомобили од пред еден век, со присуство на десетици црвени LED диоди.
Во продолжена GT поставеност, има атрактивен панел во розова нијанса, со триаголни акценти точно пред кабината, во координација со елегантниот капак на багажникот зад седиштата.
Skysphere во оваа конфигурација има и малку повисоко растојание од земја, благодарение на воздушната суспензија во соработка со GPS системот, за да се обезбеди удобно, меко возење. Од друга страна, во спортската поставка, каросеријата на телото се приближува до земјата и предниот дел се повлекува и го покрива споменатиот панел.
Од Audi велат дека Skysphere до 100 km/h забрзува за помалку од четири секунди, благодарение на електричниот мотор од 632 КС (465 kW) на задната страна. Батеријата од 80 kWh лежи зад седиштата и во внатрешноста на централниот гребен, обезбедувајќи дострел до 500 километри (по WLTP). Два комплети специјално дизајнирани голф палки почиваат во дарежливиот багажник, исто како и пар куфери.
Се разбира, незаменлив дел од незаборавното искуство е пространата кабина, изработена од „агаве син“ микрофибер и веганска кожа, оддавајќи почит на дизајнерскиот центар во Малибу, Калифорнија, каде е создаден концептот Skysphere. На панелите од вратите се појавува трим од обновлив еукалиптус, како и елегантни метални акценти, инспирирани од Art Deco, потсетувајќи на стариот Horch. Панелот со широк екран зазема простор каде што обично се наоѓа конвенционалната табла со инструменти, од кои две третини се однесуваат токму на инструменталниот и инфозабавниот систем. Контролните единици за аудио и климатизација се наоѓаат на панелите на вратите, што е изненадувачки, но извонреден детал.
Audi Skysphere, заедно со идната перјаница Grandsphere и сестраниот Urbansphere, е претходник на идниот стајлинг и високотехнолошки бренд од Инголштат. Всушност, компанијата тврди дека од Grandsphere ќе произлезе сериски модел, кој ќе влезе на сцената до средината на деценијата. Некои елементи на Skysphere најверојатно ќе останат во доменот на концептните автомобили, како што е променливото меѓуоскино растојание, но ако идните модели на Audi се половина привлечни како овој двосед, многумина при средба со него ќе паѓаат на г.. .
ФОТО ГАЛЕРИЈА
[useyourdrive dir=”1Q8CRVz2H15pTl5xyMxEzSjdGsdIc2xps” maxheight=”480px” mode=”gallery” viewrole=”administrator|editor|author|contributor|subscriber|guest” downloadrole=”all” showfolders=”0″ showsharelink=”1″ showrefreshbutton=”0″ search=”0″ showbreadcrumb=”0″]