Германската компанија Elegand AG ќе го понуди моделот EL1, кој е претставен како духовен наследник на легендарниот Quattro

Elegand, чие седиште се наоѓа на само 35 км од Audi, ќе продолжи да ја гради кариерата на славниот рели ас, но исклучиво како електричен модел. Секако дека оваа компанија не може да го користи името Quattro, па затоа е применето името EL1. Elegand е основана од Маркус Холцингер, кој некогаш работел во одделот за дизајн на Volkswagen.

Посочено е дека еден од приоритетите бил мала маса на моделот. Тоа е постигнато со обилна употреба на пластични и јаглеродни влакна, што дозволило маса од само 1.680 кг, што е добар резултат за еден електричен модел.

EL1 користи три електромотори, два монтирани на задната оска и еден на предната. Заедно тие испорачуваат вкупно 816 КС, што одлично се одразува и на перформансите. Забрзувањето до 100 km/h е за 2,8 секунди, а до 200 km/h – 10 секунди, додека максималната брзина е 255 km/h.

Производителот наведува дека автономијата на движење е 400 км според протоколот WLTP. Интересно е и податокот колку со оваа батерија моделот може да издржи на Нирбургринг – со многу „тешка нога“ на педалата за гас, EL1 ќе може да извози два круга.

Elegand AG планира да произведе само 30 примероци. Првите 12 единици ќе бидат монтирани во 2023 година, додека другите 18 автомобили треба да бидат подготвени за испорака до клиентите во 2024 година. Цената на основниот модел во Германија е 1,06 милиони евра.