Audi Q3 Sportback добива близнак со логото на Cupra?! / ВИДЕО
Seat неодамна најави три нови електрични возила кои ќе бидат лансирани како дел од проширувањето на гамата на подбрендот Cupra. Но, Шпанците сè уште не го напуштиле концептот на создавање конвенционални автомобили.
Затоа е најавена уште една премиера која треба да се случи во 2024 година. Според неа, очекуваме кросовер долг околу четири и пол метри со амблемот на Cupra, кој на пазарот би дошол во форма на благ хибрид, со понуда на алтернативи и во форма на plug-in хибриди способни да возат во тивок режим околу сто километри.
Новиот модел ќе се склопува во унгарските погони на Audi кои се функционални во градот на северот на земјата, односно во Ѓер. Таму се склопуваат и модели базирани на модуларната архитектура на MQB, односно Audi Q3 и TT. Местото за производство не е избрано случајно, туку е одредено поради фактот дека SUV купето Audi Q3 Sportback е именувано како најблизок роднина на идниот адут на Cupra.
Но, судејќи според штотуку објавените тизери, Cupra ќе може да се пофали со сопствена каросерија со поинаква силуета. Инаку, во палетата на пиринејската марка веќе има теренец кој е приближно иста должина – Cupra Formentor кој долг 4,45 метри, а кој лежи на истата (MQB) платформа. Кросоверот кој сега е најавен ќе биде малку подолг, а очигледно и „малку поскап“.
Инаку, брендот Cupra засега ги оправдува очекувањата на основачот. Минатата година купувачи нашле 79.300 возила од оваа марка, што е речиси три пати повеќе отколку во 2020 година, а како резултат на тоа, подмарката Cupra веќе зазема околу 17% од продажниот микс на Seat. За разлика од Cupra, продажбата на Seat паднала за 2% во текот на годината зад нас или испорачани околу 391 илјади возила од оваа марка. Згора на тоа, по шест профитабилни години Seat e повторно во загуба од 256 милиони евра.
Сепак, долгорочната деловна програма останува на сила. Главната поента на сите планови се нарекува електрификација, а намерата на раководството на компанијата е да потроши сума од седум милијарди евра за таа намена. Една од клучните области во планот е изградбата на фабрика за батерии во Валенсија, чија изградба ќе започне на крајот на оваа година. Капацитетот на овие постројки би бил 40 GWh на годишно ниво, со најавен почеток на работата за 2026 година. Батериските единици од овие погони нема да ги користи само Seat, туку и другите дивизии на групацијата Volkswagen.