Audi повторно ќе ги ревидира имињата на своите модели: непарни броеви за конвенционалните модели, парни броеви за електричните
Оваа промена ќе започне со А4, кој во следната генерација ќе се преименува во А5, додека А6 ќе се вика А7
Како и остатокот од автомобилската индустрија, Audi е во период на големи промени во својата гама на возила. Со тоа ќе дојдат и нови имиња за претстојните електрични и традиционални возила на производителот, открива извршниот директор на компанијата Маркус Дусман.
Audi не ја напушта шемата за алфанумеричко именување, но со мали промени во иднина.
Како што германскиот производител се движи од возила со внатрешно согорување кон целосно електрични возила, ознаките ќе бидат поделени во две категории, пишува германскиот Auto Bild.
„Во иднина непарните бројки ќе бидат за моделите со мотори со внатрешно согорување, а парните бројки ќе означуваат електрични возила со батерии“, вели Дусман.
Таа промена ќе започне со А4, кој во следната генерација ќе се преименува во А5, додека А6 ќе се вика А7. Сè уште ќе ги има A4 и A6, но наскоро сите ќе бидат електрични.
Одлуката е отстапување од сегашната логика на именување, во која возилата со непарни броеви како што се А5 и А7 се купе верзии на лимузините со парни броеви – разлика што се пренесе и на теренците.
Останува да се види како компанијата ќе ги разликува стиловите на каросеријата, но Дусман вели дека ќе обезбеди повеќе информации за тоа „подоцна“. Тој додава дека љубителите на Audi може да „се радуваат на многу емотивни и високо ефикасни деривати на имињата“ во иднина.
И покрај обидот да ја подели својата гама за да стане појасно кои возила се електрични, а кои не, Audi нема да се откаже од додатокот e-tron. Главниот директор за технологија, Оливер Хофман, вели дека клиентите сега разбираат дека името значи целосно електрично и дека компанијата сака да се држи до тоа.