Audi: Lamborghini не е на продажба
Италијанскиот производител останува дел од групацијата Volkswagen
Германскиот производител Audi објави дека нема намера да го продава Lamborghini и марката останува под негова целосна контрола. Инголштад не ја потврди информацијата за добиената понуда во износ од 7,5 милијарди евра, но категорично ја отфрли можноста за промена на сопственоста.
„Lamborghini не се продава, а такво прашање не се ни разгледува во групацијата Volkswagen“, вели портпаролот на Audi.
Според претходните информации, групацијата Quantum Group изразила желба да купи сè – од името на Lamborghini до фабриката во Сант Агата, па дури и спортските оддели и програми на брендот. Наводно во понудата бил вклучен петгодишен договор за снабдувач со Audi, гаранција за одржување на сегашната работна сила до пет години и отворање на нов центар за развој во Германија со нови 850 работни места.
И додека Lamborghini останува под чадорот на групацијата VW, работите може да се развијат поинаку за друг производител кој е дел од германскиот концерн. Се зголемуваат гласините дека Bugatti ќе биде продаден на хрватскиот производител на електрични автомобили Римац, a можностa ја признава и извршниот директор на Porsche и член на управниот одбор на Volkswagen AG, Оливер Блуме. Конечната одлука за ова прашање се очекува до крајот на јуни.