Моделите на Audi последнивe години добија многу на визуелост, а мускулестиот дизајн е тука, бидејќи така сакале жените

Audi со новиот Q3 заврши со симпатичниот и елегантен дизајн и целосно се сврте кон покажување на мускулите. Дури и А1 веќе не изгледа женски, додека традиционално женскиот кросовер Q3 во новото издание гордо го прикажува „извајаното“ тело. И сето тоа е поради жените кои барале цврст и малку поагресивен машки дизајн.

Ова го потврдуваат и од Audi. Дизајнерот за екстериер, Матијас Финк за Automotive News Europe вели:

„Беше грешка што во минатото мислевме дека сите жени сакаат слатки автомобили”.

Со втората генерација на моделот Q3, ова е корегирано и едноставно е наметнат мускулест дизајн со маркантна предница и никогаш поголема маска на ладилникот. Ова се потврдува и со главните димензии, така што Q3 е значително подолг (+96 mm) и поширок (+ 18 mm) од претходникот, додека висината е за 5 mm пониска.

Токму Q3 е еден од клучните модели на компанијата. Ова е третиот најпродаван модел на компанијата, веднаш зад Q5 и A4, со повеќе од 10% удел во продажбата на Audi. Во компанијата се надеваат дека овој посмел дизајн, заедно со дигиталниот кокпит, ќе бидат доволно атрактивни за потенцијалните купувачи кои покрај технолошка поддршка, бараат и емоции.