Audi A3 доби plug-in хибридна варијанта / ФОТО
Audi продолжува да ја електрифицира својата гама
Хибридниот хеџбек користи комбинација на 1.4-литарски турбо-бензински мотор кој испорачува 150 КС и 250 Nm и електромотор кој испорачува 109 КС и 330 Nm. Комбинираната моќност која му е на располагање на возачот е 204 КС и 350 Nm.
Моќноста на предните тркала се пренесува преку 6-степен S-tronic менувач. Plug-in хибридниот A3 од место до 100 km/h забрзува за 7,6 секунди, пред да достигне максимална брзина од 227 km/h. Според стариот NEDC циклус, овој автомобил треба да има прилично „оптимистичка“ просечна потрошувачка на гориво во NEDC циклусот од 1,4 до 1,5 литри бензин.
Audi A3 TFSI, како што е официјалното име, возејќи само на електрична енергија е во состојба да забрза до максимални 140 km/h, а благодарение на батеријата од 13 kWh (сместена под задните седишта) може да помине дури 60 км користејќи само електрична енергија, според протоколот WLTP.
Моделот има волумен на багажникот од 280 литри кој може да порасне до 1.100 литри, со соборување на задните седишта. Како и да е, волуменот е намален на сметка на просторот за сместување на батеријата за возење на електричен погон.
Списокот на стандардна опрема за Audi A3 TFSI e вклучува: LED светла, 10,1 инчен екран на централната конзола, Android Auto, Apple CarPlay, апликација myAudi која се поврзува со смартфонот на сопственикот, двозонска климатизација и кожен мултифункционален волан. Списокот со опции вклучува панорамски покрив, HUD, спортски седишта…
Од Audi веќе потврдија дека продажбата на plug-in хибридната варијанта на А3 започнува оваа есен, со почетна цена во Германија од 37.470 евра (без државни субвенции од 6.750 евра).