Процесот на развој внатрешно познат како „Проект Титан“, трае од 2014 година и досега претрпе голем број драстични промени

Долго зборуваниот Apple Car изгледа ќе стане реалност, а неодамнешните извештаи укажуваат на тоа дека технолошкиот гигант од Калифорнија напорно работи на негово развивање и се надева дека сè ќе биде подготвено до 2025 година.

Според повеќе извори, станува збор за целосно автономен автомобил, а компанијата има за цел и подобрувања во споредба со General Motors и Tesla, кои моментално се лидери кога станува збор за технологијата за самоуправувачки автомобили.

Наводно, Apple морал да избира помеѓу производство на автомобили со ограничени можности за самостојно возење, но со добро управување и забрзување или целосна автономија која не бара никаква човечка интервенција. Овој „пат“ би чинел значително повеќе и би требало многу повеќе време да се развие, но тоа е Apple и тие се одлучиле за поинаков пристап.

На чело на овој проект е Кевин Линч, човекот кој го има надгледувано и развојот на Apple Watch. Тој е замена за Даг Филд, кој замина во Ford во септември, по три години поминати во Apple. Филд претходно беше извршен директор на Tesla. Процесот на развој внатрешно познат како „Проект Титан“, трае од 2014 година и досега претрпе голем број драстични промени.

Сепак, се чини дека Apple конечно ги има дефинирано целите и точно знае што сака од проектот „Титан“. Според планот, Apple Car ќе пристигне до 2025 година, што е многу пред првично предвиденото. Пред само неколку месеци, инженерите на Apple веруваа дека на возилото ќе му бидат потребни уште најмалку пет до седум години.