Апликација на Škoda дијагностицира грешка врз основа на звуците што ги произведува автомобилот
Колку често сте се нашле во ситуација кога вашиот автомобил произведува чуден звук од непознат извор?
Таа ситуација може да трае со денови додека не се открие причината за проблемот. Не и за сопствениците на Škoda, барем ако оваа иновација доживее комерцијална употреба.
Škoda разви апликација за откривање на грешки. Наречена е Sound Analyzer, а нејзината цел е да го открие звукот во автомобилот, да го сними и потоа со технологија на вештачка интелигенција да го спореди со снимените примероци во базата на податоци. Звукот од базата на кој е најсличен снимениот звук, ќе биде најверојатната причина за проблемот. Алгоритмот во споредбата може да ја детерминира секоја девијација во однос на примерокот од базата и да предложи можно решение.
Апликацијата работи така што техничарот го известува каде да ја побара причината за проблемот. Од Škoda велат дека точноста на апликацијата е дури 90%. Во моментов може да препознае десет модели на звук вклучувајќи го и звукот на управувачкиот систем, компресорот на климатизација и автоматскиот менувач DSG.
Во моментов, апликацијата влегува во фаза на тестирање на различни примери, како што се автомобилите на европските клиенти. Доколку тестовите се покажат успешни, веројатно ќе ја видиме и официјалната апликација Sound Analyzer.