Автомобилите поскапи за повеќе од 50 проценти во последните 18 години

Аналитичарите на JATO Dynamics внимателно го проучувале развојот на каталошките  цени од 2002 до 2020 година во два популарни сегменти на мали и компактни автомобили.

Просечните продажни цени на малите автомобили како што се VW Polo, Ford Fiesta или Opel Corsa пораснале за неверојатни 59 проценти помеѓу 2002 и 2020 година. На почетокот на 2000 -тите, малите градски автомобили чинеле просечно 13.000 евра, а во 2020 година, речиси 21.000 евра.

Цените на компактните автомобили нагло пораснаа во истиот период. VW Golf, Ford Focus и слични модели чинеле во просек по 18.400 евра. Во 2020 година, цената е речиси 30.000 – зголемување од околу 63 проценти. Моделите со алтернативни погони исто така имаат придонес за овој раст. Ако се погледнат цените само на моделите со мотор со внатрешно согорување, растот во сегментот „С“ бил околу 56 проценти.

Се разбира, свое влијание на растот имаат и безбедносните технологии, инфотајмнетот и слични поскапи додатоци, но и зголемувањето на димензиите. На пример VW Polo од 2020 е пошироко од Golf од 2002 година, a и подолго за 16,5 cm.