Alpina официјално станува дел од BMW Group
BMW Group официјално станува побогата за уште една марка
Познатиот бренд Alpina се приклучува на портфолиото на звучни имиња под контрола на Баварците. Блогот посветен на омилениот бренд, BMWblog објави дека BMW AG и ALPINA Burkard Bovensiepen GmbH & Co. успеале да постигнат договор за долгорочната иднина на помалиот партнер. Финансиските услови на договорот не се објавени јавно.
Инаку, BMW и Alpina тесно соработуваат повеќе од педесет години, од што се произлезени многу посебни спортски модели на пазарот. По оваа реализација, бизнисот ќе продолжи со вообичаеното темпо, со намера Alpina да продолжи да се развива, произведува и продава модифицирани BMW модели, се до 2025 година, бидејќи двете марки постигнаа договор за продолжување на соработката во следните пет години уште во 2020 година.
Според договорот, производите на Alpina ќе бидат оние кои изворно ќе бидат составени од BMW, по што ќе се преселат до локацијата Бухло, веднаш до Минхен, каде потоа ќе бидат „алпинизирани“. Договорот нема да се промени до 2025 година, по што ќе се разгледува иднината.
Во последното соопштение, BMW и Alpina не оставаат никаков сомнеж за иднината на мобилноста, и во однос на електрификацијата и автоматизацијата, кои се некои од главните фактори во одлуката за купување од страна на поголемиот партнер. Не е ни чудо што сопствениците на Alpina решиле да го продадат имотот на BMW, бидејќи малите компании тешко можат да опстанат на пазарот во време кога се случуваат суштински промени во концептот за развој на мобилноста. Со помош на финансии и експертиза на BMW, Alpina има потенцијал за понатамошен развој.
По истекот на актуелниот договор, односно по 2025 година, ќе заврши актуелната програма на возила склопени во седиштето на Alpina. Работата поврзана со сервис, делови и додатоци ќе продолжат во Бухло, но главното производство на возила повеќе нема да биде на истото место, што ќе влијае на бројот на активни работни места. BMW се обврзал дека ќе работи на изнаоѓање ангажман за многу вработени во Alpina, како и други добавувачи и развојни партнери.
Треба да се каже дека минатата година беше најуспешна во историјата на Alpina. Очекувањата на договорните страни се дека развојот на Alpina ќе продолжи под покровителство на BMW. Инаку, Alpina е основана во 1965 година и оттогаш се занимава со преработки на модели на BMW. Името на основачот е вградено во веќе споменатото официјално име на компанијата. Така завршува независното, 57-годишно постоење на Alpinа, а портфолиото на Баварците (со подолга историја), кое веќе ги вклучува марките BMW, Rolls-Royce, Mini, станува побогато со уште едно име.