Првиот чисто електричен модел Alfa Romeo на сцена ќе стапи во 2024 година, потврди новиот шеф на италијанската компанија Жан-Филип Импарато, а уште поинтересно е што би можел да добие верзија Quadrifoglio со високи перформанси

 

Како што е познато, италијанската компанија сега е дел од групацијата Stellantis и веќе се обврза да лансира исклучиво електрични автомобили почнувајќи од 2027 година.

Шефот на Stellantis, Карлос Таварес, неодамна парафираше нов производствен план развиен од Импарато, кој вклучува по еден нов модел годишно до 2025 година.

Приказната започнува со „одложениот“ Tonale во 2022 година, со нови модели кои ќе следат во 2023 и 2024 година, вклучувајќи го и малиот теренец Brennero.

„Првата чисто електрична Alfa Romeo ќе ја лансираме во 2024 година“, вели Импарато. „Ќе биде со еден трим, со две достапни погонски верзии, од кои едната ќе биде 100% електрична.

Значи, Alfa работи на различни верзии на своjoт првенец на батерии, а варијантата со високи перформанси би можела да ја носи ознаката Quadrifoglio.

Зборувајќи за моделите за перформанси, Импарато вели: 

„За сите модели во оптек, секогаш ќе ја проучувам можноста за создавање на перформантна изведба, која ќе биде во согласност со пораката на нашата понуда. Ако мислам дека не можам да го понудам вистинското ниво на изведба на Quadrifoglio, тогаш нема да има никакви Quadrifoglio верзии.

Идните модели на Alfa ќе ја користат новата платформа STLA Large, развиена од Stellantis, при што Импарато посочува дека инженерите на италијанскиот бренд се силно вклучени во развојот, за да обезбедат присуство на потребните параметри во однос на перформансите и премиум пакетите.

Импарато, исто така, рече дека има поставен натамошен план за производство за периодот помеѓу 2025 и 2030 година, вклучувајќи модели кои повеќе ќе се фокусираат на автономното возење, но тоа ќе зависи од успехот на планот до 2025 година.

Шефот на Alfa потврдува дека е желен да го оживее Spider Duetto како електричен автомобил, признавајќи дека дизајнерската работа напреднала. Сепак, посочува тој, дека компанијата прво мора да се концентрира на раст на продажбата на силни пазари.

„Имам автомобил, им го покажав на продавачите“, вели Импарато. „Меѓутоа, не би се осмелил да го ставам тоа на маса пред Карлос Таварес додека не бидам целосно убеден во однос на уделот на пазарот.

Импарато вели и дека има голема желба да го оживее GTV како модел со три врати, но и дека е на неговата листа на „автомобили од соништата“, заедно со новиот Spider Duet.

И покрај тоа, GTV би можел да се појави порано од очекуваното, во форма на електричен автомобил кој би придонел за проширување на италијанскиот бренд во областа на електричните возила.