Промените на надворешноста и оние во кабината го доближуваат „старото“ дуо по изглед до целосно новиот Tonale

Alfa Romeo Giulia и SUV моделот Stelvio го добија долго најавуваното освежување. Редизајнот е всушност многу благ, а најмногу се однесува на графиката на предните светла со три посебни единици по урнек на новиот Tonale, кои сега се достапни и во LED Matrix технологија.

Новата технологија овозможува автоматско прилагодување на светлосниот зрак врз основа на брзината и присуството или отсуството на други автомобили, исклучувајќи само некои сектори пред зракот за да не се заслепуваат другите возачи додека се одржува најдоброто можно осветлување.

Ова е она што можете да го видите однадвор, бидејќи само очите на добрите познавачи на Alfa ќе ги забележат суптилните промени на решетката на ладилникот Scudetto и задните светла, сега со потемна подлога.

Кокпитот сега делува посовремен благодарение на 8.8-инчниот централен дигитален екран на допир од Tonale, додека инструментите пред возачот исто така сега се дигитални и нудат неколку графики за избор, од класична, модерна, минималистичка или релакс.

Централниот инфозабавен систем располага со безжично ажурирање и целосна поврзаност со далечинско управување на некои функции со помош на паметен телефон како што се заклучување/отклучување на вратите, вклучени светла…

Тука е и технологијата NFT (Non-Fungible Token) која е применета на главните информации за автомобилот и различните извршени интервенции. Оваа технологија се заснова на „блокчејн-картичка“, односно дигитален регистар кој не може да биде променет или пристапен од други и кој ги прикажува сите податоци и на тој начин делува како гаранција во случај на препродажба на автомобилот.

Alfa Romeo Giulia

Alfa Romeo Stelvio

За Giulia и Stelvio, дизелската гама сега се состои од 2.2-литарски турбодизел со 160 КС и погон на задните тркала и верзија со 210 КС со погон на сите тркала. Бензинците се претставени со 2.0 турбо со 280 КС и погон на сите тркала. Сега за сега, Giulia и Stelvio остануваат без електрификација.

Пакетите Super, Sprint, Ti и Veloce остануваат, но за двата автомобили е додаден нов луксузен спортски пакет Competizione, кој доаѓа исклучиво со нова мат сива боја, црвени клешти на сопирачките, прилагодливи пружини, контролна табла обложена со кожа и за Stelvio, 21-инчни тркала.

Освежените модели во продажните салони се очекуваат во февруари, а малку подоцна се очекува и пристигнувањето на освежената Quadrifoglio верзија.