Од денес можете да аплицирате за субвенции за плински уред
Министерството за економија го објави јавниот повик за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата
Предмет на јавниот повик е надоместување до 50 % од трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилото, но не повеќе од 18.000 денари по возило.
Согласно програмата за субвенционирање на дел од трошоците за купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво се предвидени 15.000.000 денари.
Ќе бидат надоместувани трошоците за купен и вграден уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво, настанати по денот на објавување на јавниот повик, односно од 02.11.2019 година.
Надоместок на дел од трошоците е можен само за едно возило по семејство, а право на учество на јавниот повик имаат физички лица, сопственици на возила произведени од 2005 година наваму, кои ќе извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата.
По завршувањето на јавниот повик, во декември министерството ќе отпочне со разгледување и избор на физички лица кои ќе бидат субвенционирани и ќе започне со уплата на износот на сметката на сопственикот на возилото, а за доказите ќе одлучува комисија од три члена и нивни заменици. Изборот за тоа кој ќе ги добие парите на својата сметка ќе се прави по принципот „прв дојден прв услужен“ односно по редослед на поднесување и пристигнување на барањата до целосно исцрпување на средствата.
За да дојдат до парите, купувачите ќе треба да поднесат барање, изјава за веродостојност на податоците од приложената документација и заверена копија од сообраќајната дозвола за возилото во која е евидентирана промената во автомобилот. За овој вториот документ замена може да биде потврдата за вграден уред во возилото издадена од регистрираниот сервис.
Покрај тоа, треба да се приложи и фискална сметка со сметкопотврда или фактура во оригинал со извод од деловна банка за извршено плаќање за купување и вградување на уред, како и фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка.
Министерот Крешник Бектеши претходно изјави дека очекува со оваа мерка да бидат опфатени околу 1.200 возила на годишно ниво.
Потребните информации и потребни документи може да се добијат на веб страната на Министерството за економија.